ЈЕМЕНСКИТЕ ВЛАДИНИ СИЛИ ГО ЗАЗЕЛЕ КЛУЧНИОТ ТЕСНЕЦ БАБ ЕЛ-МАНДЕБ ВО ГОЛЕМАТА ОФАНЗИВА ПРОТИВ ХУТИТЕ

    ЈЕМЕНСКИТЕ ВЛАДИНИ СИЛИ ГО ЗАЗЕЛЕ КЛУЧНИОТ ТЕСНЕЦ БАБ ЕЛ-МАНДЕБ ВО ГОЛЕМАТА ОФАНЗИВА ПРОТИВ ХУТИТЕВладата викендов соопшти дека започнала операции и на други фронтови, вклучително и во главниот град Сана (Фото: АП)

    Јеменските провладини сили, поддржани од Саудиска Арабија, тврдат дека го обезбедиле теснецот Баб ел-Мандеб на јужниот крај на Црвеното Море, откако почнаа голема офанзива против хутите, кои се поддржани од Иран. Јеменската војска исто така соопшти дека силите на „Националниот штит“, „Бригадите на џиновите“ и „Отпорот на Тихама“ стигнале до градот Мока на Црвеното Море со помош на саудиските воздушни напади.

    Хутите соопштија дека извршиле напад врз меѓународниот аеродром во Ријад и други локации, но не дадоа коментар во врска со Мока.

    Четири владини извори изјавиле за „Ројтерс“ дека јеменските сили стигнале до периферијата на Мока и дека борците на хутите сега се повлекуваат.

    „Нашите сили презедоа контрола врз воениот аеродром во Дубаб и го пресекоа патот што го поврзува округот Дубаб со Баб ел-Мандеб“, рекле изворите.

    Владата викендов соопшти дека започнала операции и на други фронтови, вклучително и во главниот град Сана, кој падна во рацете на хутите на почетокот на граѓанската војна пред 12 години. Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија објави дека нејзините борбени авиони обезбедуваат деноноќна воздушна поддршка за провладините сили и дека од почетокот на офанзивата уништиле 324 цели од „висока важност“.

    „Сите можности за деескалација беа исцрпени. Сите наши сили мора да ги извршуваат своите доделени мисии сè додека земјата не се ослободи од стегите на терористичката милиција на хутите“, изјави шефот на меѓународно признатата влада на Јемен, Рашад ал-Алими.

    Јемен е опустошен од граѓанската војна што започна во 2014, кога хутите ја соборија владата. Конфликтот ескалираше во 2015, откако коалицијата на арапски држави предводена од Саудиска Арабија интервенираше во обид да ја врати владината власт. Неформалниот прекин на огнот, кој траеше четири години, почна да се распаѓа во јули, кога хутите објавија поморско ембарго против Саудиска Арабија и започнаа напади врз саудиски аеродроми, нафтени постројки и танкери во Црвеното Море.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира