Љубителите на кафето наскоро би можеле да очекуваат поскапување на нивниот омилен пијалак, откако цените на кафето на меѓународните пазари на суровини ги достигнаа највисоките нивоа досега.
Цената на зрното арабика, на која отпаѓа најголемиот дел од светското производство, вчера беше 3,44 долари за половина килограм, откако порасна за повеќе од 80% оваа година. Вредноста на зрното робуста исто така достигна рекорден раст во септември.
Ова доаѓа додека трговците со кафе очекуваат приносите да се намалат поради лошото време во двата најголеми светски производители Бразил и Виетнам и зголемената потрошувачка. Еден експерт изјави дека брендовите за кафе планираат да излезат со нови цени во новата година.
„Додека во последниве години големите производители на кафе беа во можност да ги апсорбираат зголемувањата на цените за да ги одржат потрошувачите задоволни и да го задржат уделот на пазарот, се чини дека тоа ќе се промени. Брендовите претходно врз себе го преземаа ударот од повисоките цени на суровините. Но, во моментов, тие се на пресвртна точка. Многу од нив размислуваат за зголемување на цените во супермаркетите во првиот квартал од 2025“, изјави Вин Нгуен, извршен директор на „Туан лок комодитис“.
Последните рекордно високи цени на кафето беа поставени во 1977 откако невообичаено обилните врнежи ги уништија плантажите во Бразил.
„Загриженоста за родот во Бразил во 2025 е главниот двигател. Земјата се соочи со најголемата суша во последните 70 години во август и септември, по што следеа силни дождови во октомври“, кажа Оле Хансен, шефот за стратегија за суровини во „Саксо банк“.
Кафето е втората најтргувана стока во светот по волумен, по суровата нафта, а неговата популарност се зголемува. Така потрошувачката во Кина е повеќе од двојно зголемена во последната деценија.