КАКО ЌЕ РЕАГИРАМЕ СЕГА, ТАКА ЌЕ ПОМИНЕМЕ НИЗ ПАНДЕМИЈАТА – ЕВРОПА ГИ ВРАЌА РЕСТРИКЦИИТЕ ПОРАДИ РЕКОРДНИТЕ БРОЈКИ НА ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС

    КАКО ЌЕ РЕАГИРАМЕ СЕГА, ТАКА ЌЕ ПОМИНЕМЕ НИЗ ПАНДЕМИЈАТА – ЕВРОПА ГИ ВРАЌА РЕСТРИКЦИИТЕ ПОРАДИ РЕКОРДНИТЕ БРОЈКИ НА ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУСХоландија од вчера е во делумен карантин, па баровите, рестораните и продавниците за марихуана се затворени на четири недели (Фото: ДПА)

    Канцеларката Ангела Меркел им порача на младите помалку да се забавуваат сега со цел да имаат подобар живот утре, додека Германија бележи дневен рекорд од 6.638 новозаразени со коронавирус.

    Германија е меѓу многуте европски држави кои повторно воведуваат построги рестрикции во јавниот живот, соочувајќи се со наглиот пораст на бројот на нови случаи на коронавирус.

    „Убедена сум дека она што го правиме сега ќе биде решавачко за тоа како ќе поминеме низ оваа пандемија. Веќе сме во фаза на експоненцијален раст, дневните бројки го покажуваат тоа“, кажа Меркел.

    Во германските региони означени како жешки точки, сите собири ќе бидат ограничени на само 10 луѓе, а пабовите и рестораните ќе работат до 23 часот. Маските засега не се задолжителни, но во регионите каде што има 35 заразени на 100.000 жители тие треба да се носат на јавни простори каде што не може да се држи растојание.

    Холандија од вчера е во делумен карантин, па баровите, рестораните и продавниците за марихуана се затворени на четири недели, носењето маска е задолжително на сите јавни места, а бројот на гостите дома не смее да биде поголем од тројца.

    „Мора да бидеме построги кон себеси. Премногу луѓе не ги почитуваат мерките. Ако работите не се подобрат во наредните недели, целосно затворање ќе биде неизбежно“, кажа холандскиот премиер Марк Руте.

    Велика Британија воведе три нивоа на рестрикции, при што највисокото ниво засега е на сила само во Ливерпул, каде што се затворени пабовите и баровите.

    Чешка, која прогласи вонредна состојба на 5 октомври, вчера ги затвори училиштата и баровите најмалку до 3 ноември, а групирањата се ограничени на шест луѓе.

    Франција вчера прогласи здравствена вонредна состојба и воведе полициски час во Париз и во уште осум големи градови, што во наредните четири недели ќе биде на сила од 23 до шест часот. Рестораните, баровите, кината и театрите ќе се затвораат во 21 часот.

    Шпанската влада воведе 15-дневна вонредна состојба во Мадрид, додека Каталонија нареди затворање на баровите и рестораните, а на жителите им се советува да работат од дома.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира