Противниците на Националниот собир (РН) на Марин Ле Пен масовно се повлекуваат од изборната кампања во обид да се спречи победата на крајната десница во вториот круг в недела. Повеќе од 180 кандидати веќе потврдија дека нема да учествуваат на изборите на 7 јули, а останатите имаат рок да се изјаснат до денеска попладне.
РН ја има најдобрата шанса досега да формира влада откако на неделните избори освои 33,2 гласови, избивајќи пред левичарската коалиција Нов народен фронт со 28,1% и блокот Заедно на Макрон со 21%.
И покрај маневрите во последните 24 часа со цел да се формира таканаречен републикански фронт и да се блокира антиимиграциската евроскептична партија, неизвесно е дали тоа ќе биде доволно за да се спречи нејзиното апсолутно мнозинство во парламентот од 289 пратеници. Анкетите предвидуваат дека РН ќе освои меѓу 250 и 300 места, но тоа беше пред тактичките повлекувања и меѓупартиските повици до гласачите да ги поддржат кандидатите од која било партија со цел да се порази локалниот ривал од крајната десница.
„Овој меч не е готов. Мора да ги мобилизираме сите наши сили“, изјави социјалистичката градоначалничка на Париз, Ан Идалго.
На затворен состанок со министрите вчера, Емануел Макрон рекол дека главен приоритет е да се спречи доаѓањето на РН на власт, порачувајќи дека ако е неопходно, да се поддржат и кандидатите на крајната левица.
Републиканскиот фронт еднаш веќе успеа, во 2002, кога сите политички струи застанаа зад Жак Ширак за да се порази таткото на Марин Ле Пен, Жан Мари, на претседателските избори. Ле Пен денеска изјави дека РН нема да се обиде да формира влада ако нема апсолутно мнозинство во парламентот.