Италијанските власти предвреме ќе го затворат прославениот карневал во Венеција среде најголемото ширење на коронавирусот во Европа. Тој ќе заврши вечерва, два дена порано од планираното.
Италија има најголема бројка заразени со коронавирусот во Европа, 152, при што три лица починаа. Притоа се применети строги мерки на карантин во десетина градови во северните региони Ломбардија и Венето, што опфати околу 50.000 луѓе. Во нив никој нема да смее да влезе или излезе без посебна дозвола во наредните 14 дена. Дури и надвор од таа зона се затворени голем број училишта и јавни објекти и се откажани спортски настани, што опфати и неколку натпревари од италијанското фудбалско првенство.
Властите најавија дека полицијата и војската ќе бидат на улица за да се обезбеди почитувањето на вонредните мерки во овие градови.
Анџело Борели, шефот на италијанската Цивилна заштита, кажа дека во Ломбардија има 110 заразени, во Венето 21, а неколку случаи има и во три други региони. Потврдена е смрт на уште една возрасна жена во градот Крема, која притоа боледувала од рак, што е трета жртва на вирусот во Италија во последните два дена.
Карневалот во Венеција требаше да заврши во вторник, но претседателот на регионот Венето, Лука Ѕаја, кажа дека сите активности ќе бидат запрени вечерва, со цел да се спречи ширењето на вирусот. Во Милано се затворени универзитетот и други училишта.