КАТАЛОНИЈА МОЖЕ ДА ПРОГЛАСИ ОТЦЕПУВАЊЕ ОД ШПАНИЈА 48 ЧАСА ПО РЕФЕРЕНДУМОТ

    КАТАЛОНИЈА МОЖЕ ДА ПРОГЛАСИ ОТЦЕПУВАЊЕ ОД ШПАНИЈА 48 ЧАСА ПО РЕФЕРЕНДУМОТГласачките кутии и ливчиња се подготвени за недела, шпанската влада децидна дека референдум нема да има (Фото: Ројтерс)

    Челниците на Каталонија изјавија дека би можеле да прогласат отцепување од Шпанија 48 часа по завршувањето на референдумот, што е најавен за недела, иако централната власт во Мадрид го прогласи за неуставен и презеде низа мерки да го спречи неговото одржување.

    „По официјалното објавување на резултатите, има период од 48 часа до прогласување на независноста. Сепак, не ја исклучуваме можноста уште еднаш да седнеме и да поразговараме и сето ова да се реши политички“, вели претседателот на Каталонија, Карлес Пуигдемонт.

    Колони од трактори, веејќи каталонски знамиња, продефилираа низ градовите од регионот, за да му дадат поддршка на забранетиот референдум, додека лидерите ги покажаа гласачките кутии и ливчиња, што планираат да ги користат в недела.

    „Дали сте Каталонија да биде независна држава во форма на република“, е прашањето до 5,3 милиони гласачи.

    Полицијата доби наредба да ги одземе сите материјали за референдумот и да го спречи користењето на јавните објекти како гласачки места. И покрај тоа, професорите и учениците од некои училишта се организираа за да ги задржат отворени за гласањето, користејќи кодни имиња на социјалните мрежи. Направена е и апликација за мобилни телефони, преку која ќе се шират информации каде може да се гласа.

    Шпанската влада планира да ангажира илјадници полицајци за да го спречи гласањето и тие моментално чекаат наредба на два брода во пристаништето во Барселона.

    Воведени се и ограничувања во воздушниот простор над Барселона, за да се спречи веење пропагандни транспаренти.

    Портпаролот на шпанската влада, Ињиго Мендес де Виго, ја обвини Каталонија за нефлексибилност.

    „Можеме да го промениме уставот, доколку постои консензус за тоа. Но, тој не постои, затоа што каталонската влада делува на своја рака. За танго се потребни двајца, а во случајов, шпанската влада е таа која секогаш беше отворена за разговори. Во Каталонија нема да има никаков референдум“, дециден е Де Виго.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира