ЌЕ ОДГОВАРААТ ФУНКЦИОНЕРИТЕ КОИ ДОЗВОЛИЛЕ СКЛАДИРАЊЕ ОРУЖЈЕ ВО СТАНБЕНИ ЗОНИ, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ ПО НОВИТЕ РУСКИ НАПАДИ СО НАЈМАЛКУ ОСУМ ЖРТВИ

    ЌЕ ОДГОВАРААТ ФУНКЦИОНЕРИТЕ КОИ ДОЗВОЛИЛЕ СКЛАДИРАЊЕ ОРУЖЈЕ ВО СТАНБЕНИ ЗОНИ, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ ПО НОВИТЕ РУСКИ НАПАДИ СО НАЈМАЛКУ ОСУМ ЖРТВИОбјавата на украинскиот претседател доаѓа во време кога во новите руски напади со ракети и беспилотни летала во саботата загинаа осум лица. (Фото: Телеграм)

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека се идентификувани одговорните лица кои дозволиле функционирање на складиште за оружје во станбена зона во близина на Киев, каде што во експлозии загинаа десет лица, и додаде дека тие ќе одговараат. Претходно неделава, руски напад врз гратчето Вишневе на западната периферија на Киев погоди складиште со оружје, по што се активираа серија секундарни експлозии во кои беа оштетени стотици куќи.

    Истрагата на Службата за безбедност на Украина утврдила кои раководители во државниот производител на оружје Укроборонпром ја одобриле употребата на овој простор. Според Зеленски, ова е директно прекршување на законот и на одлуката на штабот на врховниот командант. Тој додаде дека секој менаџер на претпријатие мора да обезбеди вакви трагедии да не се повторат во иднина. Случајот предизвика сериозни реакции во јавноста, а локалните жители обвинуваат за невнимание и за недостиг на информации од надлежните органи.

    Објавата на украинскиот претседател доаѓа во време кога во новите руски напади со ракети и беспилотни летала во саботата загинаа осум лица, меѓу кои и едно дете, а десетици се ранети. Две бомби погодија густо населена област во северниот град Суми, кој е честа цел на руските сили, при што загинаа пет лица, а триесет беа повредени. Во граничен округ на регионот Суми, каде Кремљ се обидува да ја прошири тампон-зоната, локален функционер соопшти дека еден маж загина откако нагазил на експлозивна направа.

    Од експлозија на вакви бомби беа повредени десет лица и во југоисточниот град Запорожје, соопшти регионалниот гувернер. Исто така, уште две лица загинаа, а едно е рането во ракетен напад извршен преку денот врз јужниот пристанишен град Одеса.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира