Севернокорејска ракетна единица почнала да се распоредува во западна Русија и би можела да биде опремена со 120 балистички ракети и шест лансери за напади врз Украина, изјави функционер од украинската воена разузнавачка агенција.
Украина има недостиг на висококвалитетни противвоздушни проектили и Русија се обидува да го искористи тоа така што сѐ почесто напаѓа со балистички ракети, кои се особено тешки за соборување.
Русија испукала десетици севернокорејски балистички ракети кон Украина од крајот на 2023, но распоредувањето на севернокорејски ракетни сили би претставувало проширување на веќе обемната воена соработка помеѓу Москва и Пјонгјанг.
Андриј Черњак од Главната дирекција за разузнавање на Украина изјави дека Русија планира да ја распореди ракетната единица со околу 90 севернокорејски војници во западниот руски регион Воронеж, во рамките на својата 112. ракетна бригада.
„Пјонгјанг веќе испратил нова серија од 40 ракети ‘КН-23‘ и ‘КН-24‘ и персонал во Русија, но конфигурацијата на распоредувањето и вкупниот број ракети ќе бидат финализирани на разговори на високо ниво следниот месец. Русија очекува распоредувањето да вклучува 120 севернокорејски балистички ракети и шест лансери“, рече Черњак.
Не е јасно каква улога би имале Севернокорејците во руските ракетни операции.
Распоредувањето опишано од Черњак се чини се совпаѓа со лансирањето на две севернокорејски ракети минатата недела кон Украина, први од минатиот август.
Севернокорејските ракети „КН-23“ и „КН-24“ имаат поголем дострел и поголем товар од рускиот еквивалент „Искандер“, но се помалку прецизни и се поврзани со напади со голем број цивилни жртви, велат украински воени извори. Според Черњак, Северна Кореја испорачала 150 ракети од крајот на 2023 година до август 2025.



