Кина ѝ дава сателитска разузнавачка поддршка на Русија за прецизирање цели во Украина, меѓу кои и објекти поврзани со странски инвестиции, тврди висок претставник на украинската Надворешна разузнавачка агенција. Олег Александров изјави за државната новинска агенција Укринформ дека постојат докази за „високо ниво на соработка меѓу Русија и Кина во сателитско извидување на украинска територија со цел идентификација и напади врз стратешки објекти“.
„Како што видовме во последните месеци, такви цели често се поврзани со странски инвеститори“, рече Александров.
Украинското воено воздухопловство денеска предупреди дека целата земја е под ризик од нови руски ракетни и напади со дронови. Градоначалникот на Лавов, Андриј Садовиј, изјави дека градот е под напад и дека противвоздушната одбрана е во полна активност. Полска покрена борбени авиони како реакција на нападите во западна Украина.
„Полски и сојузнички авиони се активни во нашиот воздушен простор, а радарските и ракетните системи се во највисок степен на подготвеност“, соопшти полската војска.
Денеска, комерцијалните летови беа пренасочени од аеродромите во Лублин и Жешов, што е стандардна процедура кога постои закана од напад во близина на границата.
Литванија вчера го прекина воздушниот сообраќај на аеродромот во Вилнус поради евентуално летање на балони во нејзиниот воздушен простор, а летовите се пренасочени кон соседните Полска и Латвија. Литванија, силен поддржувач на Украина, дели граница од 679 км со Белорусија, близок сојузник на Русија. Упадот во Литванија следува по видувањата на беспилотни летала и воздушните упади на аеродромите во Копенхаген и Минхен во последните недели.