КИНА ЈА ОТВОРИ ПРВАТА ВОЗДУХОПЛОВНА БАЗА НАДВОР ОД СВОИТЕ ГРАНИЦИ, НОВИОТ ВОЕН ОБЈЕКТ ВО ЛАОС ГО ОЗНАЧУВА ПОЧЕТОКОТ НА КИНЕСКАТА ВОЕНА ЕКСПАНЗИЈА

    КИНА ЈА ОТВОРИ ПРВАТА ВОЗДУХОПЛОВНА БАЗА НАДВОР ОД СВОИТЕ ГРАНИЦИ, НОВИОТ ВОЕН ОБЈЕКТ ВО ЛАОС ГО ОЗНАЧУВА ПОЧЕТОКОТ НА КИНЕСКАТА ВОЕНА ЕКСПАНЗИЈАКинеското министерство за одбрана соопшти дека локацијата ќе се користи за редовни оперативни потреби на двете страни и дека објектот не е насочен против ниедна трета земја. (Фото: Максар)

    Со отворањето на својата прва воздухопловна база во странство, заеднички воен објект во Лаос, Кина испраќа јасен сигнал дека нејзиното воено присуство надвор од границите ќе продолжи да се шири, оценуваат безбедносните аналитичари.

    Пекинг подолго време се обидува да го засили своето влијание во Азиско-пацифичкиот регион, каде што се натпреварува со Вашингтон и неговите сојузници за клучните поморски рути и подводните ресурси, особено во спорното Јужно Кинеско Море. Под водство на претседателот Си Џинпинг, втората по големина светска економија ја забрза модернизацијата на сопствената армија, зголемувајќи ги воените расходи и притисокот врз Тајван, територија која ја смета за своја.

    Досегашните кинески воени инсталации во странство беа претежно поморски бази. Заедничкиот центар за летачка обука и поддршка во Лаос е првата воздухопловна база што Кина ја има надвор од својата територија, вели Џошуа Курланцик, експерт за Југоисточна Азија од американскиот Совет за надворешни односи. Тој вели дека Пекинг веројатно ќе воспостави повеќе вакви објекти во регионот и во други пријателски земји додека тестира како се управува со воздухопловна база во странство, додавајќи дека Кина нема да запре само со Лаос.

    Двете комунистички влади соопштија дека центарот на аеродромот Бан Кеун, северно од главниот град Виентијан, е наменет исклучиво за обука на пилоти на лаоските воздухопловни сили. Кинеското министерство за одбрана соопшти дека локацијата ќе се користи за редовни оперативни потреби на двете страни и дека објектот не е насочен против ниедна трета земја.

    Сепак, истражувачот за безбедност Колин Кох вели дека Кина, како најголем кредитор на Лаос, се обидува да покаже дека може да се прошири преку одбранбената дипломатија со блиски сојузници. Според него, обуката на локалните пилоти неизбежно ќе бара испраќање кинеска воена опрема, без разлика дали станува збор за транспортни летала или современи борбени авиони, со што процесот на обука автоматски прераснува во кинеско воено присуство.

    Во споредба со САД, кои поседуваат неколку стотици бази низ целиот свет, военото присуство на Кина во странство сè уште е далеку помало. Според податоците на институтот СИПРИ, Кина троши само околу една третина од американскиот воен буџет. Својата прва прекуокеанска база Пекинг ја отвори во 2017 година во источноафриканската држава Џибути, сместена на стратешка позиција во близина на Црвеното Море и Аденскиот Залив. Таа локација подоцна беше проширена со софистициран разузнавачки центар за следење сигнали, поради што Франција и САД разгледуваат можност да ги преместат сопствените бази во Џибути за да избегнат кинеско пресретнување на комуникациите.

    Кина ја финансираше и обновата на поморската база Реам во Камбоџа, сместена на Тајландскиот Залив. Камбоџанскиот премиер Хун Манет и кинеска воена делегација минатата година пуштија во употреба заеднички центар за логистика и обука, за кој Вашингтон предупредува дека на Пекинг му обезбедува стратешка позиција близу Јужното Кинеско Море.

    Ниту една од двете влади досега нема објавено детали за воената опрема и бројот на персонал што ќе бидат распоредени. Состојбата внимателно ја следат САД и регионалните земји како Виетнам и Тајланд. Пентагон минатата година процени дека Пекинг разгледувал отворање воени објекти во дваесетина држави во Африка и Азија, иако Лаос тогаш не беше споменат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира