Со недели, бројката починати од КОВИД-19 во Кина стоеше на околу 3.300, а сега нагло порасна за 50%.
Вухан, градот од кој коронавирусот се прошири низ цел свет, додаде уште 1.290 смртни случаи, зголемувајќи ја вкупната бројка во Кина на 4.632 и властите велат дека станува збор за лица кои починале надвор од болниците и претходно биле погрешно пријавени.
Ова признание следува додека низ светот се засилуваат сомнежите во транспарентноста на Кина околу коронавирусот. Доналд Трамп често сугерира дека бројките што ги прикажува Кина не се реални, а сега му се придружи и францускиот претседател Емануел Макрон.
„Не треба да бидеме наивни и да мислиме дека Кина многу подобро се справила со коронавирусот од западните земји. Јасно е дека има работи што се случиле таму за кои ние не знаеме“, изјави Макрон.
Објавувајќи ги новите бројки, властите на Вухан кажаа дека претходно немало никакво прикривање на реалната состојба. Вухан, кој има 11 милиони жители, помина цели 11 недели во строг карантин, кој дури неодамна беше олеснет.