КИНЕСКИОТ АВИОН ШТО ПАДНА ВО МАРТ МОЖЕБИ НАМЕРНО БИЛ УРНАТ

    КИНЕСКИОТ АВИОН ШТО ПАДНА ВО МАРТ МОЖЕБИ НАМЕРНО БИЛ УРНАТВо најтешката авионска несреќа во Кина во изминатите десетина години загинаа 132 луѓе (Фото: Гети)

    Податоците од летот сугерираат дека авионот на „Чајна истерн ерлајнс“ намерно бил насочен надолу пред да се урне на 21 март. Во најтешката авионска несреќа во Кина во изминатите десетина години загинаа сите 132 патници и членови на екипажот.

    Кинеските истражители досега не пронашле никаква техничка или механичка грешка кај авионот, објавија американските медиуми. „Боинг 737-800“ леташе меѓу кинеските градови Кунминг и Гвангжу кога ненадејно се урна непосредно пред слетувањето.

    „Авионот го направил она што некој во кокпитот му кажал да го направи“, пишува „Вол стрит џурнал“, кој прв ја објави веста, повикувајќи се на извор запознат со американската истрага за несреќата.

    Во извештајот се вели дека податоците од една од „црните кутии“ сугерираат дека наредбите што биле издадени преку контролната табла го турнале авионот во вертикален пад. Истражителите сега испитуваат дали тоа било направено намерно, зашто нема докази дека седум години стариот авион се урнал поради технички проблем.

    „Чајна истерн ерлајнс“ претходно соопшти дека тројцата пилоти во авионот биле квалификувани и здрави и нема назнаки дека некој од нив имал финансиски проблеми.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира