Клаудија Шеинбаум ќе биде првата жена на претседателската функција во Мексико, покажуваат излезните анкети. Шеесет и едногодишната Шеинбаум, која е климатолог по професија, освои 56% гласови на вчерашните избори, убедливо победувајќи ја својата главна ривалка Сошитл Галвес и ќе ја преземе функцијата од Андрес Мануел Лопес Обрадор на 1 октомври.
Шеинбаум вети континуитет и дека ќе продолжи да ги надградува успесите направени од Лопес Обрадор. Нејзината партија Морена прогласи победа на изборите, додека Галвес ги повика своите приврзаници да ги почекаат официјалните резултати, кои ќе бидат објавени денеска.
„Ќе бидам најхрабриот претседател кој се соочува со криминалот“, кажа Шеинбаум, која беше гувернерка на главниот град Мексико од 2018 до 2023.
Победата на Шеинбаум доаѓа 71 година откако жените добија право на глас во Мексико. Мексиканците во исто време ги бираа сите членови на Конгресот, гувернерите на осумте сојузни држави и илјадници локални функционери и кампањата ја обележаа насилства. Владата кажа дека се убиени повеќе од 20 локални кандидати низ Мексико, а според други извори, нивниот вкупен број е 37.
Шеинбаум доби поддршка од актуелниот претседател Лопес Обрадор, кој и натаму ужива голема поддршка во јавноста, но не можеше повторно да се кандидира зашто мексиканскиот устав ги ограничува претседателите на само еден шестгодишен мандат.