КОЛКУ И ДА СЕ РАЗВИВА, КИНА НИКОГАШ НЕМА ДА СЕ СТРЕМИ КОН СВЕТСКА ДОМИНАЦИЈА, ИЗЈАВИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ШЈИ ЏЈИНПИНГ

    КОЛКУ И ДА СЕ РАЗВИВА, КИНА НИКОГАШ НЕМА ДА СЕ СТРЕМИ КОН СВЕТСКА ДОМИНАЦИЈА, ИЗЈАВИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ШЈИ ЏЈИНПИНГШји Џјинпинг кажа дека Кина останува посветена на мултилатерална трговска размена и на натамошно отворање на својата економија (Фото: АП)

    Кина никогаш нема да се стреми кон светска доминација, изјави претседателот Шји Џјинпинг во обраќањето по повод 40-годишнината од почнувањето на големите економски реформи во земјата.

    Во времето кога се зголемува глобалното економско влијание на Кина, Шји повтори дека неговата земја останува посветена на мултилатерална трговска размена и на натамошно отворање на својата економија. Тој, сепак, додаде дека Кина нема да дозволи глобалните супермоќи да ѝ кажуваат што да прави.

    „Никој не е во позиција да му кажува на кинескиот народ што да прави. Ќе направиме реформи таму кадешто се потребни и ќе го задржиме она што нема потреба да се менува“, изјави Шји.

    Благодарение на реформите и отворањето на земјата што ги почна покојниот лидер Денг Шјиаопинг во 1978 година, Кина денес е втората најголема економија на светот и стотици милиони луѓе веќе не живеат во сиромаштија.

    „И покрај своите економски постигнувања, Кина никогаш нема да се стреми кон глобална хегемонија. Кина никогаш нема да се развива на сметка на други држави. Нашиот развој не претставува закана по ниту една држава. Кина е промотор на светскиот мир и бранител на меѓународниот ред“, кажа Шји, при што во својот говор не го ни спомена актуелниот трговски спор со САД.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира