Компанијата на Илон Маск „Спејс-Екс“ лансираше четворица астронаути од Флорида кон Меѓународната вселенска станица, првпат со ракета и капсула кои биле употребени при претходен лет.
Во капсулата „дрегон“ поставена на ракетата „фалкон“ се наоѓаат двајца американски астронаути, Французин и Јапонец, кои треба да пристигнат на станицата утре по речиси 24-часовен лет и ќе престојуваат шест месеци. Капсулата беше користена при историскиот пробен лет на „Спејс-Екс“ минатиот мај, а ракетата при последниот лет во ноември.
Ова е вториот оперативен тим кој НАСА го лансираше откако лани, по девет години пауза, беа обновени полетувањата од американското тло.
НАСА постигна договор за јавно-приватно партнерство со „Спејс-Екс“, која во иднина ќе го врши транспортот на астронаутите кон и од Меѓународната вселенска станица.