Канцеларката Ангела Меркел ги повика Германците да ја признаат големината на опасноста од коронавирусот и да дадат свој придонес во борбата против неговото ширење во едно од ретките национални телевизиски обраќања.
Таа се обрати ден откако во земјата беа воведени низа рестриктивни мерки во обид да се спречи ширењето на коронавирусот. Досега е потврдено дека во Германија има повеќе од 1.000 заразени.
„Ситуацијата е сериозна. Сфатете го ова многу сериозно. Од обединувањето на Германија, поточно од Втората светска војна, никогаш немало поголем предизвик за нацијата, кој бара заедничка акција“, кажа Меркел.
За разлика од Италија, Шпанија и Франција, во Германија досега не е прогласен карантин, но земјата ги затвори границите за оние кои не се државјани на Европска Унија, ги ограничи патувањата и затвори голем број јавни места.
„Искрено верувам дека ќе успееме во задачата што е пред нас, но само доколку сите жители на оваа земја сфатат која е нивна задача“, рече Меркел, која претходно предвиде дека коронавирусот би можел да зафати 70% од населението.