Италијанските власти се мачат да воспостават ред во затворите низ земјата откако во нередите поврзани со ширењето на коронавирусот беа убиени шестмина затвореници, а десетици избегале. Затворениците се побуниле откако со владина одлука беа ограничени посетите, како дел од националната стратегија да се спречи ширењето на КОВИД-19.
Шестемина затвореници се убиени во затворот во Модена, во северна Италија, каде прво беше воведен карантин. Телевизијата РАИ објави дека уште четворица затвореници се во критична состојба во болница, а во нередите се повредени и неколкумина затворски чувари.
Друга сериозна ситуација се случи во градот Фоџа, југоисточна Италија, каде што десетици затвореници успеале да избегаат.
„Ситуацијата е катастрофална, 50 затвореници избегаа“, потврди локалната полиција.
Агенцијата АНСА објави дека бројките се уште поголеми, при што 34 затвореници се сѐ уште во бегство, а повеќе од 40 се фатени.
Министерот за правда Алфредо Бонафеде изјави дека нередите избувнале во 22 затвори.