Преговорите помеѓу Приштина и Белград во Белата куќа нема да се одржат на 27 јуни, откако своето доаѓање го откажа и косовскиот премиер Авдулах Хоти. Претходно, истото го направи и претседателот Хашим Тачи, откако вчера Специјалното обвинителство во Хаг против него покрена обвинение за воени злосторства.
„Поради новонастанатата ситуација во Приштина и покренатото обвинение против Тачи, мора да се вратам во земјата. Го известив специјалниот претставник на Белата куќа Ричард Гренел дека нема да можам да дојдам на 27 јуни и предложив состанокот да се одложи за некој друг ден“, изјави Хоти.
Специјалното обвинителство во Хаг вчера објави дека Тачи, бившиот претседател на Собранието на Косово Кадри Весели и уште седум лица се обвинети за убиство, мачење и тепање на повеќе од 100 луѓе.
Хоти кажа дека дијалогот нема алтернатива и дека преговорите во Брисел ќе продолжат.
„Откажувањето на состанокот во Вашингтон нема никакво влијание врз дијалогот во Брисел. Ние сме подготвени, а датумите лесно ќе ги договориме“, изјави портпаролот на Европската Унија, Петер Стано.