Виктор Орбан кажа дека крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) е сојузник кој би можел да помогне да се тргне чизмата на Брисел од градите на Унгарија, давајќи ѝ поддршка на неполни две недели до предвремените избори во Германија.
Во исто време, лидерката на АфД Алис Вајдел ја пофали Унгарија за нејзините енергетски и имигрантски политики и спротивставувањето на вооружувањето на Украина. АфД, која се наоѓа на второто место во предизборните анкети, досега беше игнорирана од европските лидери, па дури и француската крајна десница имаше воздржан однос кон неа.
„Бев претпазлив кон АфД зашто не сакав да ги влошам односите со германската влада. Но, тоа се менува и јасно е дека АфД е иднината на Германија“, кажа Орбан.
Со поддршка од 20% гласачи, АфД нема да може да владее по изборите на 23 февруари, особено што сите партии ветија дека нема да коалицираат со неа. Сепак, поддршката од лидери како Орбан и Доналд Трамп покажува дека партијата има пријатели и надвор од Германија.