Коронавирусот најверојатно не излегол од кинеска лабораторија и поверојатно бил пренесен на човекот од животно, заклучи Светската здравствена организација, чиј тим во Кина го истражуваше изворот на пандемијата.
Питер Бен Ембарек, експерт за безбедност на храна и животински болести, го кажа ова на крајот на посетата на Вухан, каде што во декември 2019 првпат беше идентификуван вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19. Нема назнаки дека вирусот претходно циркулирал во Вухан.
Кина досега силно ја отфрлуваше можноста дека вирусот излегол од лабораторија во Вухан и промовираше теории дека можеби потекнал од некое друго место. Тимот на СЗО разгледува неколку теории како вирусот бил пренесен на човекот, но се фокусира на тоа дека станува збор за природен извор.
„Нашите првични откритија сугерираат дека вирусот најверојатно бил пренесен преку животински посредник, а кој точно, ќе бидат потребни нови истражувања. Во секој случај, хипотезите кои се базираат на инцидент во лабораторија се крајно неверојатни“, изјави Ембарек.
Оваа мисија беше првиот чекор во утврдувањето на потеклото на коронавирусот, за кој се верува дека од лилјаци бил пренесен на човекот преку некое друго диво животно, како мравојад или стаорец.