По Думата, и горниот дом на рускиот парламент денеска ја одобри анексијата на четирите окупирани украински региони, ден откако Кремљ призна дека сè уште не знае кои се нивните точни граници.
Федералниот совет едногласно го изгласа припојувањето на Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје кон Русија, иако руските сили моментално немаат целосна контрола врз ниеден од овие региони, а украинската војска напредуваше дополнително на истокот и југот. Овие области претставуваат околу 18% од територијата на Украина и имаат големина на Унгарија.
Руските медиуми објавија дека целосната интеграција на анектираните региони во Руската Федерација треба да заврши до 1 јануари 2026 година. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, кажа дека сè уште се утврдува кои се границите на анектираните региони.
„Доњецк и Луганск се целосно дел од Русија. Ќе продолжиме со консултациите со населението во врска со границите на Херсон и Запорожје“, изјави Песков, не прецизирајќи каде се самопрогласените меѓународни граници на Русија.
Русија не контролира голем дел од Запорожје, вклучувајќи го и истоимениот град, кој пред војната имал 700.000 жители. Набргу по прогласувањето на анексијата во петокот, руската војска беше принудена да се повлече од Лиман, стратешки важен град во Доњецк, од каде што се отвора пат за напредување и кон Луганск.
Проруските власти во Херсон вчера потврдија дека украинската војска ја пробила руската одбрана кај реката Днепар и дека напредувала десетици километри. И портпаролот на руското министерство за одбрана Игор Конашенков призна дека Украинците имаат надмоќ во тенкови.