Русија кажа дека не е договорена временска рамка за мировни преговори со Украина откако Доналд Трамп вчера објави дека тие ќе почнат веднаш. Американскиот претседател два часа телефонски разговараше со Владимир Путин, но за разлика од Володимир Зеленски, Путин уште еднаш го одбил предлогот за безусловен 30-дневен прекин на борбите.
„Москва и Киев се соочуваат со сложени контакти за да создадат унифициран текст на меморандум за мир и прекин на огнот. Нема рокови и не може да има. Јасно е дека сите сакаат да го направат тоа што е можно побрзо, но ѓаволот е во деталите“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Путин изјавил дека Русија е спремна да работи на завршување на борбите во Украина, но притоа навестил дека не сака да се откаже од своите максималистички цели на војната.
„Русија се залага за мирно решавање на украинската криза. Русија ќе понуди и е подготвена да работи со Украина на меморандум за можен иден мировен договор“, кажа Путин.
Трамп беше оптимистичен по разговорот со Путин, велејќи дека „тонот и духот на разговорот биле одлични“ и дека Русија и Украина веднаш ќе почнат со преговори за примирје, што би довело до крај на војната. Тој кажа дека зборел со Зеленски и со неколкумина други европски лидери по разговорот со Путин.
Зеленски синоќа уште еднаш нагласи дека Украина е спремна за целосно примирје и директни разговори со Русија.
„Ако Русите не се подготвени да запрат со убивањето, мора да има посилни санкции. Притисокот ќе ја турне Русија кон вистински мир. Ако Путин постави нереални барања, тоа ќе значи дека Русија продолжува да ја одолговлекува војната и заслужува Европа, Америка и светот да дејствуваат соодветно, вклучително и со дополнителни санкции“, кажа Зеленски.
Тој притоа ги отфрли руските барања Украина да ги повлече своите трупи од регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, кои Русија незаконски ги анектираше, но не ги контролира целосно.
„Никој нема да ги повлече нашите трупи од нашите територии“, додаде Зеленски.
Европските лидери одлучија да го зголемат притисокот врз Русија преку санкции откако Трамп ги информираше за неговиот разговор со Путин, објави германскиот канцелар Фридрих Мерц доцна синоќа. Трамп навести дека не е подготвен да го следи тој потег. Запрашан од новинарите зошто не воведе нови санкции за да ја турне Москва кон мировен договор како што се закани, Трамп рече:
„Затоа што мислам дека има шанси да се постигне нешто, а ако го направите тоа, можете да влошите многу. Но, може ќе дојде момент кога тоа ќе се случи. Во целиот процес се вклучени некои големи ега. Без напредок, можеби ќе се повлечам. Ова не е моја војна“.