Од високите температури лани во Европа починале 61.672 лица. Ова го покажува анализата за бројот на смртни случаи во Европа предизвикани од топлото време направена за периодот од 30 мај до 4 септември.
Се анализирале податоците за температурата и смртноста помеѓу 2015 и 2022 година за 35 европски земји со вкупно население од 543 милиони луѓе и е направен епидемиолошки модел за пресметување на смртните случаи поврзани со исклучително високи температури на воздухот.
Анализата покажува дека летото 2022 беше немилосрдна сезона кога станува збор за топлината и имало рекорден број смртни случаи. Температурите биле натпросечни за секоја недела од летниот период. Највисоки температури се забележани од средината на јули до средината на август кога се предизвикани 38.881 смртен случај.
Стапката на смртност од жешкото време е поголема кај жените отколку кај мажите. Од вкупниот број починати од горештините, 63 проценти или 35.406 се жени, а 21.667 мажи.
Бројот на смртни случаи е зголемен кај луѓето над 65 години. Од починатите 9.226 случаи се на возраст од 65 до 79 години, а останатите 36.848 над 79 години.
Италија е најпогодена земја од жешкото време со околу 18.000 смртни случаи, потоа следи Шпанија со нешто повеќе од 11.000 и Германија со околу 8.000.
Од утре јужна Европа ќе ја зафати нов топол бран наречен Харон и температури уште повисоки од сегашните. Европската вселенска агенција кажа дека Италија, Шпанија, Франција, Германија и Хрватска би можеле да бидат погодени од екстремни услови.