Сириските бунтовници објавија дека планираат да ги затворат озлогласените затвори водени од соборениот режим на Башар ал-Асад и дека ќе ги ловат оние кои мачеле и убивале притвореници. Лидерот на бунтовниците Ахмед ал-Шара попознат како Абу Мохамед ал-Голани исто така најави дека ќе го расформира безбедносниот систем на бившиот режим.
Стотици луѓе беа ослободени од затворот Сајднаја по влегувањето на бунтовниците во Дамаск во неделата. Групите за човекови права го опишуваа затворот како „човечка кланица“. Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија кажа дека околу 60.000 луѓе биле мачени и убиени во затворите на Асад, чија династија беше соборена по 54 години владеење.
Асад пребегна во Русија во неделата, каде што доби азил заедно со семејството.
Голани кажа дека помилувањето на оние кои учествувале во мачењето и убивањето на затворениците не доаѓа предвид.
„Ќе ги гониме во Сирија и ќе побараме од други држави да ни ги предадат оние кои избегале за да се соочат со правдата“, рече Голани.
Тој додаде дека новите сириски власти соработуваат со меѓународните организации за да се осигураат можните локации со хемиско оружје. Асад негираше дека користел вакво оружје, но организацијата Хјуман рајтс воч објави дека меѓу 2013 и 2018 имало најмалку 85 напади со хемиско оружје во Сирија.