ЛИЗ ТРАС ЌЕ БИДЕ НОВАТА БРИТАНСКА ПРЕМИЕРКА

    ЛИЗ ТРАС ЌЕ БИДЕ НОВАТА БРИТАНСКА ПРЕМИЕРКАТрас е четвртиот конзервативен премиер од изборите во 2015 (Фото: АП)

    Лиз Трас ќе биде третата жена на позицијата британски премиер откако денеска беше потврдена за нов лидер на Конзервативната партија. Четириесет и седумгодишната Трас досега беше министерка за надворешни работи и министерка за жени и еднаквост.

    Трас и официјално ќе стане премиерка утре, откако Борис Џонсон ќе ѝ ја предаде власта на средбата со кралицата Елизабета Втора во нејзината резиденција во Балморал. Џонсон беше принуден да поднесе оставка во јули откако и голем дел од неговата партија се сврте против него по серија скандали.

    Преземајќи ја Велика Британија во периодот на општо незадоволство и рецесија, Трас вети дека брзо ќе реагира и дека во рок од една недела ќе излезе со план за справување со растечките трошоци за енергија. Долго време фаворитка во однос на својот ривал Риши Сунак, таа е четвртиот конзервативен премиер од изборите во 2015.

    Трас, која е мајка на две малолетни ќерки, првпат беше избрана во британскиот парламент во 2010. Само две години подоцна влезе и во владата како министерка за образование, а во 2014 беше промовирана во министерка за животна средина. Во прв момент не го поддржуваше брегзит, но потоа го смени мислењето. Во кабинетот на Тереза Меј беше министерка за правда, а Џонсон прво ја назначи за министерка за меѓународна трговија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира