Лондонските власти ја отстранија статуата на познатиот трговец со робови Роберт Милиген, што со децении стоеше пред Музејот на Лондон Доклендс.
Градоначалникот Садик Кан објави дека ќе направи ревизија на сите статуи и имиња на улици во градот, при што ќе бидат тргнати сите кои имаат каква било врска со ропството.
Во неделата, демонстрантите ја урнаа статуата на Едвард Колстон во Бристол и ја фрлија во река.
„Статуата на Милиген е отстранета за да се исполнат желбите на заедницата“, објавија властите.
Милиген бил угледен британски трговец со робови од 18. век, кој поседувал две плантажи за шеќер и 526 робови во Јамајка. Додека неговата статуа се отстрануваше, илјадници луѓе се собраа во Оксфорд, барајќи истото да се направи и со статуата на империјалистот Сесил Роудс.
„Лондон мора да се соочи со непријатната вистина за своите историски врски со ропството“, кажа Кан.