Германскиот авиопревозник „Луфтханза“ ќе купи голем дел од акциите на банкротираниот ривал „Ер Берлин“, соопшти извршниот директор на компанијата Карстен Шпор.
„Луфтханза“ планира да инвестира 1,5 милијарди евра во преземањето на вториот најголем национален авиопревозник.
„Ер Берлин“ објави банкрот во август, откако неговиот главен акционер „Етихад“ од Абу Даби престана да му дава финансиска помош, со што долговите на компанијата се зголемија на 1,2 милијарди евра.
„Ова, всушност, е голем ден, потпишувањето на договорот следува наскоро“, изјави Шпор.
По неговата објава, вредноста на акциите на „Ер Берлин“ скокна за 51% на берзата во Франкфурт.
Освен „Луфтханза“, и британската нискобуџетна компанија „Изиџет“ беше силно заинтересирана за преземањето на „Ер Берлин“, која располага со 140 авиони, над 8.000 вработени и со ексклузивни места за слетување на големите аеродроми. „Луфтханза“ планира да преземе 81 авион и 3.000 од вработените на „Ер Берлин“.