Александар Лукашенко изјави дека ја ставил армијата во состојба на висока готовност, обвинувајќи го НАТО дека ги наголемува своите сили на границите на Белорусија. НАТО ги отфрли овие тврдења како неосновани.
Протестите против спорната победа на Лукашенко на последните претседателски избори продолжија и вчера во Минск. Лукашенко го обвини НАТО дека се обидува да ја подели земјата и да постави нов претседател, додавајќи дека ја поместува белоруската армија кон западната граница.
„Тие ја размрдуваат ситуацијата во нашата земја и се обидуваат да ја урнат власта. Им наредив на шефовите на безбедносните сили да ги зајакнат мерките за одбрана на територијалниот интегритет на земјата“, изјави Лукашенко.
НАТО ги отфрли тврдењата дека претставува закана по Белорусија и дека ги зголемува своите сили во регионот, додавајќи дека нивната поставеност е строго одбранбена.
„Режимот се обидува да го одврати вниманието од внатрешните проблеми на Белорусија со вакви тотално неосновани изјави за измислени надворешни закани“, кажа претседателот на Литванија, Гитанас Науседа.
Облечен во маскирна униформа, Лукашенко вчера ги посети воените единици во Гродно во близина на границата со Полска, каде што е планирана голема воена вежба од 28 до 31 август.