Мајка и три нејзини ќерки се меѓу жртвите на денешниот жесток руски воздушен напад врз Лвов. Градоначалникот Андриј Садови ја потврди оваа информација, објавувајќи фотографија од семејството Базилевич, од кое преживеал само таткото.
„Во денешниот напад загинаа мајката Евгенија и нејзините три ќерки Јарина, Дарина и Емилија, од кои највозрасната имаше 21 година“, објави Садови на Икс.
Во нападот, во кој биле користени дронови и хиперсонични проектили, загинаа најмалку седуммина луѓе, кажаа властите, додавајќи дека меѓу нив е и едно бебе. Притоа се оштетени и згради во историскиот центар на градот.
„Како резултат на нападот оштетени се најмалку седум архитектонски споменици од локално значење. Сите се наоѓаат во областа под заштита на УНЕСКО“, кажа регионалниот гувернер Максим Козицки.
Овој напад уследи додека Украина се уште се справува со последиците од вчерашното ракетирање на Полтава, кога загинаа најмалку 51 лице. Тоа беше најсмртоносниот напад во Украина оваа година.