МАКРОН ЈА ОДБИ ОСТАВКАТА НА ПРЕМИЕРКАТА БОРН И БАРА СОЈУЗНИЦИ ПО НЕДЕЛНИТЕ ИЗБОРИ

    МАКРОН ЈА ОДБИ ОСТАВКАТА НА ПРЕМИЕРКАТА БОРН И БАРА СОЈУЗНИЦИ ПО НЕДЕЛНИТЕ ИЗБОРИМакрон ја назначи Борн за премиерка пред само еден месец (Фото: СИПА)

    Францускиот претседател Емануел Макрон ја одби оставката на премиерката Елизабет Борн, што ја назначи пред само еден месец, инсистирајќи дека владата мора да остане посветена и да работи. Борн се најде под притисок да поднесе оставка по неделниот втор круг од парламентарните избори, на кои коалицијата на Макрон го изгуби мнозинството во Националното собрание.

    Макрон денеска треба да се сретне со ривалите во обид да обезбеди поддршка за своите политики, но лево-зелената алијанса на Жан-Лик Меланшон и крајната десница на Марин Ле Пен беа децидни дека нема да соработуваат со неговата влада. На Макрон му недостигаат 44 пратеници за да има мнозинство, а земјата да избегне политичка парализа.

    „Макрон ја одби оставката на премиерката Борн и ќе бара конструктивни решенија за да се излезе од ќор-сокакот кој претставува закана за неговата агенда“, соопшти Елисејската палата.

    Лидерот на Републиканците, Кристијан Жакоб, потврди дека ќе се сретне со Макрон, иако претходно го опиша како арогантен и кажа дека ќе останат во опозиција. Француските медиуми објавија дека и Ле Пен ќе се појави во Елисејската палата, како и некои членови на алијансата на Меланшон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира