Францускиот претседател Емануел Макрон вети покачување на минималната плата и даночни олеснувања како одговор на неколкунеделните насилни протести низ државата.
Во изминатите четири викенди, во Париз и во неколку други градови се одржуваа протестите на „жолтите елеци“, оригинално насочени против зголемувањето на данокот на горивата, за да прераснат во општо незадоволство од економските политики на Макрон.
„Гневот на демонстрантите беше длабок и на многу начини легитимен. Многу луѓе беа несреќни со својот животен стандард и се чувствуваа како никој да не ги слуша нивните барања. Свесен сум дека и јас сум придонесол за тоа, бидејќи имав други грижи и приоритети. Знам дека некои од вас беа повредени од мои зборови“, кажа Макрон во телевизиско обраќање.
Тој најави дека од 2019 година, минималната плата ќе биде зголемена за 100 евра месечно, а ќе биде откажано и планираното зголемување на данокот за пензионерите со ниски примања. Исто така, од работодавците ќе биде побарано да им исплаќаат бонуси на своите вработени на крајот на година.