Малтешкиот бизнисмен Јорген Фенех е обвинет за вмешаност во убиството на новинарката Дафне Карвана Галиција во 2017 година, додека премиерот Џозеф Мускат се наоѓа под силен притисок да поднесе оставка.
Фенех се изјасни како невин во судот во Валета, исто како и четворица други обвинети, вклучувајќи членови на криминална банда.
Убиството на истражувачката новинарка ја раздрма малтешката влада и оставки поднесоа шефот на кабинетот на Мускат, Кит Скембри и министрите за туризам и економија.
Три лица веќе се уапсени под обвинение дека ја подметнале бомбата под автомобилот на Галиција, за што, како што признале, добиле 150.000 евра, и истрагата сега се фокусира на нарачателите на убиството.
Фенех постојано е испрашуван од полицијата откако на 20 ноември со јахта се обидел да избега од островот и побара да биде помилуван ако даде корисни информации, што беше одбиено. Тој е добро познато лице на Малта, каде што бил шеф на бизнис групата „Тумас“ и директор на енергетската компанија „Електрогас“.