Брзата имунизација што ја спроведува Израел претставува и најголемото истражување на вакцината на „Фајзер/Бионтек“ во реалноста. Резултатите доаѓаат полека и тие се ветувачки.
Повеќе од половина од Израелците предвидени за вакцинирање, околу 3,5 милиони, веќе примиле една или две дози и првичните истражувања покажуваат дека во земјата се намалува оптоварување со вирусот, што е клучен сигнал дека вакцините би можеле да го ограничат ширењето на заразата. Научниците се согласуваат дека спречувањето на ширењето на заразата е клучно за да се намали ризикот од појавата на нови варијанти и за постигнување имунитет на стадо.
Израелската програма на вакцинирање почна на 19 декември и се верува дека повеќе од 75% лица над 60 години досега ја примиле првата доза, како и 25% од помладата група, од 40 до 60 години.
„Како и што се очекуваше, во последните две недели од јануари забележан е значителен пад на вирусното оптоварување кај лицата над 60 години, во споредба со другата група од 40 до 60 години“, изјави авторот на студијата Јанив Ерлих.
Поточно, кај лицата над 60 години бројот на нови случаи на зараза се намалил за 53%, бројот на хоспитализации за 39%, а бројот на случаи на сериозна болест за 31%. Истовремено, овие бројки се доста полоши меѓу луѓето до 60 години, кои подоцна дојдоа на ред да се вакцинираат.
Повеќе информации ќе се добијат во наредните недели, откако ќе се анализираат податоците од вакцинирањето на помладите групи Израелци. „Фајзер“ на неделна база го следи вакцинирањето во Израел, за да добие увид што ќе може да се примени низ светот.
„Останува тешко да се предвиди кога точно би можел да се постигне имунитет на стадо“, велат од „Фајзер“.
Една недела по примањето на втората доза од вакцината на „Фајзер“ имало 254 заразени од 416.900 луѓе, а 22 дена по целосното вакцинирање не е регистриран ниеден нов случај на зараза.