Медицинските експерти кои ја советуваат американската Агенција за храна и лекови (ФДА) го препорачаа итното одобрување на вакцината против ковид-19 развиена од „Фајзер“ и „Бионтек“. Одлуката беше донесена откако 23-член панел се согласи дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците. Вакцината на „Фајзер“ досега е одобрена од Велика Британија, Канада, Бахреин и Саудиска Арабија.
Таа сѐ уште треба да биде формално одобрена од ФДА, што се очекува во наредните денови.
Препораката следува ден откако САД забележаа дневен рекорд од повеќе од 3.000 починати од ковид-19.
„Вакцината може да ја имаме за неколку дена, а најранливите категории би можеле да ја примат веќе наредната недела“, изјави министерот за здравство Алекс Азар.
Според владината програма за дистрибуција, наречена „Операција Ворп спид“, испораките на вакцината ќе почнат 24 часа по одобрувањето. „Фајзер“ планира да испорача во САД 6,4 милиони дози до крајот на декември.