Околу 17.000 војници и полицајци се распоредени во мексиканскиот туристички град Акапулко, каде што има големи грабежи откако силен ураган го разори регионот. На видеата се гледа како луѓето земаат храна и вода од продавниците, додека други си заминуваат со скапи електронски предмети и облека од трговските центри.
Бројот на загинати во ураганиот Отис вчера се искачи на 39, од кои 29 мажи и 10 жени, соопшти владата, додека најмалку 10 лица се водат како исчезнати. Стотици илјади луѓе остануваат без струја и вода.
Отис во средата удри на брегот на Пацификот, со ветрови кои достигнаа брзина од 266 км/ч. Се засили од тропска бура во ураган од петта категорија – најтешка категорија – за само 12 часа.
Акапулко беше меѓу најтешко погодените области во Мексико, 80% од хотелите во одморалиштето се оштетени, а улиците поплавени. На социјалните мрежи беа поставени видеа на кои се гледа грабеж во тешко погодените населби, бидејќи резервите на храна и вода сè повеќе се намалуваат. Главниот пат што го поврзува Акапулко со остатокот од земјата дури сега е повторно отворен, овозможувајќи испорака на основните добра во градот. Во населбата Ренасимиенто, жителите се лути поради недостатокот на помош.
Претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор вети дека ќе помогне во обновата на градот, но ги обвини своите политички ривали дека го преувеличуваат обемот на грабежот за да ја дискредитираат неговата влада пред претседателските избори следната година.
Официјални лица велат дека Отис е најмоќната бура што некогаш го погодила мексиканскиот брег на Тихиот Океан, а уништувањето се проценува на милијарди долари.