Втората најнаселена сојузна држава во Австралија, Викторија, го продолжи карантинот за уште една недела додека властите се обидуваат да го стават под контрола ширењето на индискиот сој на коронавирусот. Официјални лица изјавија дека луѓето во Мелбурн се заразуваат при кратки средби.
Викторија ќе остане целосно затворена до 10 јуни. Денеска се потврдени уште шест нови случаи на локално пренесување на вирусот, со што кластерот порасна на 60 заразени.
„Знам дека тоа не е веста што сите сакаа да ја слушнат, но владата немаше избор, имајќи го предвид бројот на заразени. Ако не бидеме во карантин, оваа работа ќе ни избега. Оваа варијанта ќе излезе од контрола и ќе умираат луѓе. Никој не сака да ни се повтори зимата“, изјави премиерот на Викторија, Џејмс Мерлино, алудирајќи на карантинот кој траеше 112 дена.
Речиси седум милиони луѓе се во карантин од 27 мај, кој беше прогласен во Викторија по четврти пат од почетокот на пандемијата. Властите се решија на таков потег откако беа регистрирани први случаи на локално пренесување на коронавирусот по речиси три месеци.