Канцеларката Ангела Меркел ги повика Германците да останат дома пет дена за велигденските празници, во обид да се скрши третиот бран на коронавирусот.
На разговорите кои траеја до доцна во ноќта, Меркел ги притисна премиерите на 16-те сојузни покраини да имаат поцврст пристап во борбата со пандемијата, при што беа откажани плановите за постепено отворање на економијата. Место тоа, Германија ќе остане делумно затворена до 18 април.
Почнувајќи од 1 април, Германците ќе треба да останат дома пет дена и да ги намалат контактите што е можно повеќе, Сепак, на состанокот не беше договорено да се затворат сите продавници, вклучувајќи и супермаркети, за што Меркел се залагаше.
Големи семејни собири ќе бидат забранети за празниците и ќе бидат ограничени на најмногу пет луѓе од две домаќинства. Владата ќе ги повика црквите да не одржуваат велигденски служби за да се избегнат собири.
„Сега фактички се наоѓаме во нова пандемија. Британската мутација стана доминантна. Се соочуваме со нов вирус од ист тип, но со различни карактеристики. Посмртоносен, позаразен“, кажа Меркел.
Германија во почетокот на овој месец почна претпазливо да ги олеснува рестрикциите, но во изминатиот период бележи нов пораст на бројот на ковид позитивни, што ги зголеми грижите дека болниците наскоро би можеле да бидат преполни ако не се преземат мерки.
„Ситуацијата е тешка подолго одошто очекувавме, но има светло на крајот на тунелот“, изјави Меркел.