МЕРКЕЛ ВО ВТОРНИКОТ СПРЕЧИЛА ВОЕН СУДИР ПОМЕЃУ ТУРЦИЈА И ГРЦИЈА, ПИШУВААТ ГЕРМАНСКИТЕ МЕДИУМИ

    МЕРКЕЛ ВО ВТОРНИКОТ СПРЕЧИЛА ВОЕН СУДИР ПОМЕЃУ ТУРЦИЈА И ГРЦИЈА, ПИШУВААТ ГЕРМАНСКИТЕ МЕДИУМИМеркел во последен момент успеала да го наговори турскиот претседател Ердоган да ги повлече своите бродови (Фото: Гети)

    Ангела Меркел во последен момент во вторникот спречила вооружен судир помеѓу Грција и Турција, чии односи се заостриле деновиве поради турските обиди за пронаоѓање нафта и гас во Средоземното Море, пренесе „Дојче веле“.

    Германскиот весник „Билд“ објави дека тензиите почнале откако Турција поставила дупчалки околу малиот остров Кастелоризо во непосредна близина на грчките води, што Грција го смета за исклучиво нејзина економска зона. Поради тоа, пишува „Билд“, во вторникот вечер 18 турски воени бродови се упатиле кон островот, а Грција ја ставила својата морнарица во состојба на борбена готовност и му наредила на целиот воен персонал да го прекине одморот.

    Во тој момент се вмешала Ангела Меркел, која телефонски разговарала прво со турскиот претседател Ердоган, а потоа и со грчкиот премиер Мицотакис, по што Турција повлекла 16 од своите бродови.

    „На Ангела Меркел во последен момент ѝ успеа да го промени курсот на конфронтацијата помеѓу Атина и Анкара. Но, колку долго ќе трае тоа кај Ердоган, не се знае“, коментира весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

    Заменик портпаролката на германската влада Улрике Демер само потврди дека Меркел разговарала со Ердоган за разни теми, вклучувајќи ја и ситуацијата во источниот Медитеран.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира