Доналд Трамп го критикуваше германскиот канцелар Фридрих Мерц, порачувајќи му дека повеќе би требало да се фокусира на обидите за завршување на војната помеѓу Русија и Украина, место да се меша во американските напори за справување со иранската нуклеарна закана.
Ова следува неколку дена откако Мерц го критикуваше американскиот пристап кон војната со Иран, велејќи дека САД биле понижени од иранските преговарачи.
„Канцеларот на Германија треба да посвети повеќе време на ставање крај на војната помеѓу Русија и Украина, каде што беше целосно неефикасен и на поправање на својата расипана земја, особено имиграцијата и енергетиката, а помалку да им се меша на оние што се ослободуваат од иранската нуклеарна закана, со што светот, вклучително и Германија, ќе стане побезбедно место“, рече Трамп.
Тој претходно кажа дека САД разгледуваат дали да го намалат бројот на своите војници стационирани во Германија.
Зборувајќи пред студенти во Марсбург во понеделникот, Мерц изјави дека Американците очигледно немаат стратегија.
„Иранците очигледно се многу вешти во преговорите или поточно, многу вешти во тоа да не преговараат, дозволувајќи им на Американците да патуваат до Исламабад, а потоа повторно да си заминат без никаков резултат. Целата нација е понижена од страна на иранското раководство“, рече тој.



