Милијардерот инвеститор Ворен Бафет рече дека неговата компанија „Беркшир Хатавеј“ ги продала сите свои акции во четирите најголеми американски авиокомпании. Говорејќи на годишното собрание на акционерите, Бафет рече дека „светот се смени“ поради коронавирусот. Тој рече и дека погрешил што инвестирал во авиоиндустријата.
Коментарите на Бафет дојдоа неколку часа откако „Беркшир Хатавеј“ објави рекордна загуба во првиот квартал од 50 милијарди долари, објави новинската агенција Ројтерс. Конгломератот имаше 11% удел во „Делта ер лајнс“, 10% од „Американ ерлајнс“, 10% од „Саутвест ерлајнс“ и 9% од „Јунајтед ерлајнс“, според годишниот извештај на компанијата.
Фирмата започна да инвестира во четирите авиокомпании во 2016, откако со години ја избегнуваше авијациската индустрија. Бафет на состанокот, кој се одржа виртуелно, изјави: „Донесовме одлука во однос на авиобизнисот. Ги повелковме парите од бизнисот дури и со значителна загуба. Нема да финансираме компанија која сметаме дека во иднина ќе ни ги јаде парите“.
Американската туристичка авиоиндустрија речиси се распадна како резултат на пандемијата на коронавирус, при што авиокомпаниите укинаа стотици илјади летови, а приземјени се илјадници авиони.