МНОГУ ЗАРАЗЕНИ И ПОЧИНАТИ ОД НОВА ПОДВАРИЈАНТА НА ОМИКРОН ВО ПОРТУГАЛИЈА, ЕВРОПА ОЧЕКУВА ШЕСТИ БРАН НАЕСЕН

    МНОГУ ЗАРАЗЕНИ И ПОЧИНАТИ ОД НОВА ПОДВАРИЈАНТА НА ОМИКРОН ВО ПОРТУГАЛИЈА, ЕВРОПА ОЧЕКУВА ШЕСТИ БРАН НАЕСЕНСпоред стапката на инфекција во Португалија, хоспитализациите ќе останат високи до крајот на јуни. (Фото: АП)

    Напливот на заразени од ковид-19 и смртни случаи во Португалија, предизвикан од подваријантата на омикрон БА.5 и покрај топлото време, ги тера главните градови низ Европа уште еднаш да размислат за мерките против пандемијата што почна да исчезнува од јавната меморија. Португалија во средата потврди 26.848 нови случаи и забележа 47 починати од ковид – највисок дневен број на смртни случаи од 17 февруари, кога беа пријавени 51 починат.

    Трендот е во контраст со ситуацијата со пандемијата во Франција, Германија, Велика Британија и соседна Шпанија, каде стапките на случаи се намалуваат во последните два месеца.

    Според бројките на португалското Министерство за здравство, 1.455 луѓе починале од ковид откако земјата влезе во шестиот бран на пандемијата во април и мај. Во најновиот извештај на Министерството за здравство и Институтот „Рикардо Хорхе“ се истакнува дека „смртноста од сите причини е над очекуваните вредности за периодот од годината“, додавајќи дека има „зголемување на специфичната смртност од ковид-19“.

    Хенрике Оливеира, математичар од работната група за следење на пандемијата на Универзитетот во Лисабон, изјави за новинската агенција Луса дека стапката на инфекција сугерира оти хоспитализациите во одделенијата и единиците за интензивна нега ќе останат високи до крајот на јуни.

    И Германија потврди дека многу заразната варијанта BA.4/BA.5 забрзано се шири во земјата. Германскиот министер за здравство, Карл Лаутербах кажа дека ова може да стане следниот бран наесен. Шефовите на 16-те германски држави во четвртокот разговараа за мерките што би можеле да се применат за да се спречи порастот на заразени подоцна во текот на годината, но рекоа дека ќе исклучат затворања на училишта и градинки од големи размери.

    „Короната не е завршена, како што покажува силната појава на омикрон во Португалија“, рече Франк Улрих Монтгомери, претседател на Светската медицинска асоцијација.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира