„Модерна“ соопшти дека го тужи „Фајзер“ и неговиот германски партнер „Бионтек“ за нарушување на патенти во врска развојот на првите вакцини против ковид-19. Американската компанија тврди дека била копирана мРНА технологијата што ја развила пред пандемијата. Тужбата, со која се бара финансиски надомест, е поднесена во САД и Германија.
„Фајзер“ одговори дека е изненаден од тужбата и вели дека ќе се одбрани од обвинувањата.
Во соопштението на „Модерна“ се вели дека „Фајзер“ и „Бионтек“ ископирале два клучни елементи од нејзиното интелектуално портфолио. Едниот вклучува „хемиска модификација“ за која „Модерна“ вели дека нејзините научници први ја демонстрирале во 2015 година и со неа вакцината избегнува предизвикување несакан имунолошки одговор.
Вториот елемент е во врска со начинот на кој двете вакцини го таргетираат шилестиот протеин на вирусот.
„Ги поднесуваме овие тужби за да ја заштитиме иновативната мРНА технолошка платформа која ние ја воведовме и инвестиравме милијарди долари да ја создадеме и да ја патентираме во деценијата пред пандемијата на ковид-19“, кажа директорот на „Модерна“ Стефан Бансел.