МОЛДАВИЈА ВЕЛИ ДЕКА РУСИЈА СЕ ОБИДУВА ДА ЈА СОБОРИ НЕЈЗИНАТА ВЛАДА И ДА ПРЕДИЗВИКА НАСИЛСТВА

    МОЛДАВИЈА ВЕЛИ ДЕКА РУСИЈА СЕ ОБИДУВА ДА ЈА СОБОРИ НЕЈЗИНАТА ВЛАДА И ДА ПРЕДИЗВИКА НАСИЛСТВАПретседателката Маја Санду вели дека Русија сака да ја искористи Молдавија во војната против Украина (Фото. АП)

    Претседателката на Молдавија, Маја Санду, објави дека Москва планирала да ја собори молдавската влада со помош на внатрешни саботери, да ја потчини земјата на Русија и да ги наруши нејзините аспирации за влез во Европска Унија. Таа кажа дека молдавските разузнавачи ги потврдиле информациите на Украина за наводните руски планови за уништување на Молдавија.

    „Овој план вклучува добро обучени диверзанти во цивилна облека кои треба да изведат насилни акции, да напаѓаат државни згради и да земаат заложници. Целта на овие акции е да се собори уставниот поредок и да се смени легитимната власт, што би овозможило земјата да ѝ се потчини на Русија. Кремљ нема да успее во обидите да предизвика насилство во нашата земја“, изјави Санду.

    Од почетокот на руската инвазија, Молдавија се обидува да ги зацврсти своите односи со западните партнери и доби кандидатски статус за членство во ЕУ.

    Санду откри дека меѓу октомври и декември биле спречени неколку обиди за насилство и елементи на организиран криминал.

    „Русија сака да ја искористи Молдавија во војната против Украина“, кажа Санду, додавајќи дека посебно внимание се посветува на влез на граѓани на Русија, Белорусија, Србија и Црна Гора во земјата.

    Според неа, во планот биле вклучени и молдавските олигарси Илан Схор и Владимир Плахотниук, кои живеат во странство и се наоѓаат под американски и британски санкции.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира