НАД 1.200 УАПСЕНИ ВО НАСИЛНИТЕ ПРОТЕСТИ НИЗ ФРАНЦИЈА, ВО ЛИМОЖ ЗАПАЛЕНА ЗГРАДАТА НА ГРАДСКОТО СОБРАНИЕ СТАРА 140 ГОДИНИ

    НАД 1.200 УАПСЕНИ ВО НАСИЛНИТЕ ПРОТЕСТИ НИЗ ФРАНЦИЈА, ВО ЛИМОЖ ЗАПАЛЕНА ЗГРАДАТА НА ГРАДСКОТО СОБРАНИЕ СТАРА 140 ГОДИНИВо Лимож, маскирани демонстранти ја запалија зградата на градското собрание стара 140 години, при што објектот претрпе големи оштетувања, а покривот делумно се урна. (Фото: Икс)

    Насилство избувна низ Франција за време на вчерашните најнови демонстрации против тешките услови во училиштата и високите трошоци за живот. Најмалку 1.200 луѓе беа уапсени во текот на настаните што француската влада ги опиша како „ескалација на насилството“, додека на улиците излегоа околу 550.000 демонстранти.

    Во Париз, сè до вечерните часови се одвиваа жестоки судири со полицијата за разбивање демонстрации, која употреби солзавец и водени топови против толпата. Во главниот град и во други делови на земјата беа подметнати пожари. Во градот Лимож, маскирани демонстранти запалија 140 години стара зграда на градското собрание, при што објектот претрпе големи оштетувања, а покривот делумно се урна. Во неколку градови дојде до грабежи, а пријавени се и бројни случаи на вандализам насочени кон градските управи и деловните објекти.

    Премиерот Себастиен Лекорну изјави дека 150 полицајци се повредени за време на немирите.

    Во Париз главниот протестен марш во текот на попладнето помина главно мирно. Сепак, како што одминуваше денот, одредени групи почнаа да палат огнови на улиците и да уништуваат возила, вклучително и на познати локации во центарот на градот, како што е плоштадот Република. Продавниците беа ограбени, еден ресторан целосно изгоре, беа забележани и меѓусебни тепачки меѓу поединечни групи демонстранти. Полицијата за разбивање демонстрации јуришаше кон една група луѓе во центарот на Париз, при што неколку лица беа удрени со полициски палки.

    Во Лион, градоначалникот Грегори Дусе изјави дека палењето на градската туристичка канцеларија претставува „трагедија“, додавајќи: „Тоа ни ги крши срцата, бидејќи станува збор за исклучително значајна, добро позната историска градба“. Локалната полиција соопшти дека „непријателски настроени поединци“ ги спречиле пожарникарите безбедно да пристапат кон гаснење на пожарот. Во Сент Етјен, еден млад човек останал без рака откако експлодирала мала експлозивна направа, објави на социјалните мрежи градоначалникот на овој југоисточен град.

    Стотици илјади ученици протестираа во текот на изминатите недели, укажувајќи на недостигот од кадар и дотраените објекти во француските средни училишта (лицеи), каде учат млади на возраст од 15 до 18 години. На нив им се придружија и членови на синдикати, како и други протестни групи. Меѓу овие групи е и движењето „жолти елеци“, кое повеќе од една година, почнувајќи од 2018, протестираше против порастот на трошоците за живот – прераснувајќи во едно од најдолготрајните протестни движења во француската историја.

    Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека за време на протестите вчера, „поединци со качулки“ извршиле „насочени акти на насилство“ на повеќе локации, вклучително и во делови од главниот град, како и во Марсеј, Рен, Тулуз и Анже. Штети на објекти беа пријавени низ цела Франција, меѓу другото и во Гренобл, Авињон, По, Монпелје и Валанс. Во Париз беа ограбени продавници за облека и храна, додека во Лил беше пробиена и испразнета продавница на „Епл“.

    Иако протести и немири не се необични во Франција, овој бран слди во момент кога земјата навлегува во период на длабока политичка неизвесност. Францускиот претседател Емануел Макрон следната година ја напушта функцијата, а анкетите покажуваат дека претседателските избори во април би можеле да се сведат на дуел помеѓу лидерката на „Национален собир“, Марин Ле Пен, и Жан-Лик Меланшон од крајно левичарската партија „Непокорна Франција“. Вториот учествуваше на демонстрациите во Франција, при што ги обвини полицајците дека „жестоко се нафрлиле“ врз демонстрантите, истовремено осудувајќи ги грабежите и подметнувањата пожари.

    Лекорну изјави дека неговите коментари се „опасни и цинични“. Претходно, тој рече дека полицијата се соочила со „насилство од екстремен интензитет“ и дека одредени групи ги користат протестите како „загревање“ за претседателските избори, додавајќи: „Никој нема да ја наметне својата политичка агенда преку насилство“. Ле Пен изјави дека „легитимните барања“ на демонстрантите станале „заложници на крајната левица“, обвинувајќи го Меланшон дека го поттикнува насилството.

    Макрон рече: „Оние што кршеа, ги напаѓаа префектурите и деловните објекти, па дури и ги ограбуваа нашите градски собранија, ќе бидат кривично гонети и казнети“. Владата се обиде да направи одредени отстапки; така, министерот за образование Едуар Жефре, во телевизиско интервју на 8 октомври, вети ангажирање на 3.000 дополнителни наставници-заменици. Сепак, протестите продолжија и се интензивираа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира