Американскиот претседател Џо Бајден вети помош за централните области на земјата, откако серија торнада оставија трага на уништување долга повеќе од 320 километри, при што се стравува дека само во Кентаки загинале над 100 луѓе. Тој кажа дека ова се некои од најсилните торнада во историјата на земјата.
Во центарот на трагедијата е градот Мејфилд во Кентаки, односно тамошната фабрика за свеќи, во која имало околу 110 работници кога била погодена од торнада. Спасени се повеќе од 40 луѓе и гувернерот на Кентаки, Енди Бешир, изјави дека ќе биде чудо ако бидат пронајдени уште преживеани.
„Условите со кои што се соочуваат властите и спасувачите се крајно предизвикувачки, бидејќи во Мејфилд се уништени и полициската станица и пожарникарската опрема“, изјави Бешир.
Десетици илјади луѓе во Кентаки се без струја и вода, а најмалку 12 лица загинале во други сојузни држави, вклучувајќи шестмина работници во складиштето на „Амазон“ во Едвардсвил во Илиноис. Бешир прогласи вонредна состојба во Кентаки.
„Ова е неописиво, вакво нешто досега не е видено. Гледаме уништени згради и индустриски погони и среќа е што има неколку дрвја кои стојат. Премногу домови се разурнати“, ја опиша Бешир ситуацијата во Мејфилд.
Повеќе од 30 торнада се регистрирани во шест сојузни држави и метеоролозите велат дека е необично вака моќни торнада да се создадат во зимските месеци.