Едно од најголемите мафијашки судења во Италија во последните децении резултираше со затворски казни од вкупно 2.200 години за повеќе од 200 обвинети. Тригодишното судење разоткри колку се раширени врските на криминалната организација Ндрангета во политиката и во општеството во јужна Италија.
Меѓу осудените е и поранешниот сенатор Џанкарло Пители, адвокат кој беше член на партијата на Силвио Берлускони, Напред Италија. Тој доби 11 години затвор за соработка со мафијата.
Ндрангета е една од највлијателните и најопасни криминални организации во Европа и судењето покажа колку е таа навлезена во италијанските институции, при што меѓу обвинетите имаше локални функционери, бизнисмени, политичари, јавни службенции и професионалци од разни индустриски гранки.
Судиите кои го водеа случајот беа ставени под полициска заштита поради стравувањата за нивна безбедност. Судењето се одвиваше на периферијата на гратчето Ламеција Терме, каде што биле поставени доволно големи кафези за да можат да присуствуваат сите обвинети, а во него учествувале и 600 адвокати и 900 сведоци. Обвиненијата вклучуваа убиство, изнуда, трговија со дрога, перење пари и злоупотреба на службената положба.
Ндрангета, која потекнува од сиромашниот регион Калабрија, контролира 80% од европскиот пазар на кокаин и може да се пофали со годишен обрт од околу 60 милијарди евра.