НАД 230 ЗАГИНАТИ ВО НАЈСМРТОНОСНИОТ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД ВО СОМАЛИЈА ДОСЕГА

    НАД 230 ЗАГИНАТИ ВО НАЈСМРТОНОСНИОТ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД ВО СОМАЛИЈА ДОСЕГАКамион натоварен со експлозив беше детониран пред хотел во еден од најфреквентните делови на градот (Фото: АФП)

    Бројот на загинати во бомбашкиот напад што утринава го затресе центарот на главниот град на Сомалија, Могадишу, се искачи на 230, објави полицијата.

    Ова е најсмртоносниот терористички напад во Сомалија, откако исламистичката група Ал Шабаб почна со своите активности во 2007 година. Сѐ уште никој не ја презеде одговорноста за нападот, но властите не се сомневаат дека ова е дело на Ал Шабаб.

    Стотици луѓе се повредени, откако камион натоварен со експлозив беше детониран пред хотел во еден од најфреквентните делови на градот.

    Претседателот Мохамед Абдулаи Мохамед прогласи три дена национална жалост.

    Полицијата објави дека бројот на мртвите сигурно ќе биде и поголем.

    „Има над 300 повредени, од кои некои сериозно. Ова што се случи е неверојатно, никогаш не сум видел вакво нешто. Има лешеви кои се изгорени до непрепознатливост“, кажа шефот на полицијата, Ибраим Мохамед.

    Хотелот „Сафари“ се урна по експлозијата и голем број луѓе останале заглавени под урнатините.

    „Експлозијата ја уништи целата област“, кажа еден очевидец.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира