НАД 250 ПОЖАРИ ВО КОИ ЗАГИНАЛЕ 18 ЛУЃЕ БИЛЕ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ САМО ВО ЊУЈОРК МИНАТАТА ГОДИНА

    НАД 250 ПОЖАРИ ВО КОИ ЗАГИНАЛЕ 18 ЛУЃЕ БИЛЕ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ САМО ВО ЊУЈОРК МИНАТАТА ГОДИНАЛани во САД едногласно беше усвоен предлог-закон со кој треба да се постават задолжителни федерални стандарди во оваа област (Фото: Њујорк пост)

    Пожар во зграда во Харлем во петокот во кој загина млад маж бил предизвикан од литиум-јонските батерии кои се користат како погон за електрични велосипеди и тротинети, објави противпожарната служба на Њујорк. Тоа е прв смртен случај во Њујорк оваа година кој се поврзува со вакви батерии, кои лани биле причина за повеќе од 250 пожари, во кои загинале 18 луѓе.

    Дваесет и седумгодишниот Фазил Кан, кој пораснал во Индија, бил надежен новинар и неговите колеги велат дека оваа смрт можела да се спречи. Пожарот кој ја зафатил неговата зграда почнал на пладне и притоа биле повредени уште 17 луѓе, од кои двајца се во критична состојба.

    Во станот на третиот кат во кој почнал пожарот имало неколку батерии, од кои некои се полнеле. Кога станарите избегале, ја оставиле вратата отворена, што придонесло огнот и чадот да се прошират низ зградата“, изјави Џим Лонг, портпаролот на противпожарната служба.

    Електричните велосипеди и тротинети го преплавија Њујорк во изминатите години, додека батериите кои ги напојуваат и често се полнат дома станаа нова опасност за градот, пишува „Њујорк тајмс“. Градот воведе трговски програми со цел да се тргнат небезбедните електрични велосипеди и батерии од улиците, а од септември бара од продавниците да осигураат сите литиум-јонски батерии што се продаваат да исполнуваат одредени безбедносни стандарди. Но, за производителите, сличните мерки се доброволни.

    Минатата година едногласно беше усвоен предлог-закон со кој треба да се постават задолжителни федерални стандарди во оваа област и за него допрва ќе се гласа во Претставничкиот дом.

    Кризата само ќе се продлабочи доколку владата не интервенира“, изјави застапникот во Претставничкиот дом од Бронкс, Ричи Торес.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира