Најмалку 60 лица беа убиени низ Газа во израелските напади, соопштија денеска здравствените работници, додека Палестинците се соочуваат со растечка хуманитарна криза во Газа, а изгледите за прекин на огнот се зголемуваат.
Нападите започнаа доцна вчера и продолжија во утрово, а меѓу другите се убиени и 12 лица во близина на стадионот „Палестина“ во градот Газа каде се засолнуват раселени лица, и уште осум кои живееја во станови, според персоналот во болницата Шифа, каде што беа донесени телата. Повеќе од 20 тела беа однесени во болницата Насер, според здравствените службеници. Во нападот денеска напладне загинаа 11 лица на улица во источниот дел на градот Газа, а нивните тела беа однесени во болницата Ал-Ахли.
Нападите се во време кога американскиот претседател Доналд Трамп рече дека може да има договор за прекин на огнот во текот на следната недела. Одговарајќи на прашања од новинарите во Овалната соба, вчера претседателот рече: „Работиме на Газа и се обидуваме да се го решиме ова“.
Функционер запознаен со ситуацијата изјави за Асошиејтед Прес дека израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер ќе пристигне во Вашингтон следната недела на разговори за прекинот на огнот во Газа, Иран и други теми. Разговорите повторно се прекинати откако Израел го прекрши последното примирје во март, продолжувајќи ја својата воена кампања во Газа и продлабочувајќи ја тешката хуманитарна криза во Појасот.
Околу 50 заложници остануваат во Газа, од кои помалку од половина се верува дека се уште се живи. Тие беа дел од околу 250 заложници земени кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023, предизвикувајќи ја 21-месечната војна.
Во војната загинаа над 56.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, кое не прави разлика помеѓу цивили и борци. Се вели дека повеќе од половина од загинатите биле жени и деца.