Најголемиот дел на Куба, вклучувајќи го и главниот град Хавана, и натаму е без струја, откако националната енергетска мрежа колабираше двапати за период од 24 часа, што ги остави во мрак сите десет милиони жители.
Кубанските власти кажаа дека речиси една петина од населението добила струја во меѓувреме.
Целосното затемнување во петокот се случи откако се исклучи електраната „Антонио Гуитерас“ во Матансас, најголемата во земјата, а откако струјата почна полека да се враќа, вчера дојде до нов колапс.
Претседателот Мигел Дијас-Канел Бермудес го обвини повеќедецениското американско ембарго за неможноста да се обезбедат потребните залихи и резервни делови за застарената инфраструктура. Властите кажаа дека работат на враќањето на струјата, но процесот ќе оди бавно и не можат да ветат кога ситуацијата ќе биде стабилизирана.
„Дури и откако ќе се реши моменталниот проблем, електричната криза ќе продолжи“, велат властите.
Друг проблем во земјата е недостигот на гориво, откако оваа година имало значаен пад на испораки од клучните добавувачи Венецуела, Мексико и Русија.